Дарко Лешоски вечерва со порака до функционерите: Добро размислете вечерва за вашето присуство утре во поворките…

Фејсбук објава на Дарко Лешоски:

Она што третина век го молчевме, утре ќе го липаме.

Почитувани,

ќе си го земам правото, јанѕата и храброста да ви го кажам она кое знам дека им е непријатно и на вашите најлојални советници и соработници и на многу луѓе да ви го кажат денес. Спроти денот од кој ви се темни и нам и вам. Ќе се дрзнам и на оние кои сте петнаесет години помали од мене и на оние кои сте триесет години постари од мене. Ќе пробам да го изустам она што знам ќе им е тешко, а знам дека длабоко во себе го мислат повеќето. Затоа што се луѓе, како нас.

Најдобронамерно Ве замолувам сите и оние кои ве познавам и не ве познавам лично, а сте вршители или сте биле на високи јавни функции. Освен Претседателот на земјата, останатите од вам ноќва ДОБРО ДА РАЗМИСЛИТЕ ВЕЧЕРВА за вашето присуство во поворките и колоните доколку немате изгубено член од вашето потесно или пошироко семејство кој треба да се погреба на денот на погребот. Дали е навистина неопходно?

Оставете ги луѓето. Само тој ден. Веќе од другиот дајте им сѐ што сметате дека треба и им следи.

Тој ден верувам дека никому нема да му фалите таму. И земете си го и исплачете се и вие и кројте во себе и помеѓу себе планови од која и да сте партија или страна како ВОЉЈАТА ЗА ЖИВОТ може да продолжи да живее и во тоа мало место, а и во земјава воопшто.

Ќе повторам, зошто мислам дека голем дел и од вас, а и од вашите членови и симпатизери од сите партии според она што го гледавме изминатите денови, сеуште не сте свесни и сакам да верувам дека е поради шокот и гневот со кој не знаете како да се справите како сите нас: Вољјата за живот!

А таа може да ја вратите само со многу чесна и континуирана работа.

Ослободете и испратете, платете или преплатете секој еден слободен психијатар, психолог, терапевт, луѓе со кои ќе си ја споделат тагата со нив… и утре и во нареднииот период. Нека одат тие место вам тој ден. Вчера ја слушнав директорката на психијатрија како го начна тоа како идна нивна активност и искрено за миг почувствував глас со многу здрав разум.

Ако само еден од нив барем за миг се почувстува дека не е сам. Сам ко сирак во маката и болката своја од тие мачни луѓе вие сте успеале.

Еден од тие луѓе макар. Испратете луѓе кои ќе пробаат да се борат со гравитацијата и масата на тие црни дупки на толку мала површина, а од исклучителни и школувани професионалци кои работат на болките и болестите на душата, дознавме дека тоа ќе биде тешко и за најдобрите и најсилните психи на светот.

Нема „Жалам.“ Нема „Тоа е…“

“Системот” кој ви е толку омилен збор на сите страни. Тој системот, требаше да биде на мојот народ татко. Не вие. Вие сте променливи. Не вие. Системот требаше. Оној систем кој не убиваше и не убива без оглед на која партија или религија припаѓаме. Систем кој секогаш го штитетеш побогатиот, посилниот, повалканиот, тој со повеќе познатство.

И тој ден мојот народ ќе се чувствува како дете предадено од својот татко. Од Системот. Како дете сирак, дете пуштено курбан јаничар. (За овој синдром и генетска деформација, друг пат и појасно и поопширно и кога ќе е и време и место).

Оставете го да се исплаче народот без да чувствува никаква усилена пристојност кон вашето ценето присутво. Зошто? Никој нема да се сомнева во вашите најдобри и најчовечки намери. Впрочем, вие сте живи и имате денови пред вас (нека ви се множат како луѓе на сите) да ги докажете и покажете вашите најдобри и најчовечки намери. Ќе имате време и шанса сите.

Од која и да е опција и од која и да е партија, оставете не без вашите црни нови кравати и кошули и без театралноста која треба да ви ја понудат и пружаат новинарите од кои очекуваме сите до еден како народ исклучително достоинство.

Искрено Ви посакувам среќа и сила на сите новинари кои ќе бидете таму, чекорење по тенко јаже.

Поштедете ги оние кои треба да ви пишуваат говори тој ден. Знам како е да гледаш и да молиш за шупливи фрази и празни флоскули во зениците на ѓаволот колку да се каже нешто.

Кога срцето се кине устата и разумот треба да молчат и да не се прават многу паметни.

Знам како ви е и вам кои ако треба да пишувате говори денес и ви се темни.

Ве молам најчовечно, оставете ги да се исплачат луѓето.

Не меѓу вас, ами меѓу свои, меѓу обични луѓе сираци ко нив без тој триесет и пет годишниот Систем како татко. Народот како дете треба срцето да си го исплаче. И мојот народ не само ваш!

Вашата омилена именка “народот” зад која се криете 35 години како мало дете зад женска сукња утре ќе го боли многу. Вашата ултимативна никогаш докрај завршена љубов – да ве сака Народот, утре него ќе го боли многу.

Има денови. И ќе ве сака сите до еден веројатно, кого повеќе – кого помалку, ама овој утрешниот ден не е таков. Не сте важни утре.

Веројатно и затоа државите се во женски род со нивните имиња, ама усилено “татковина” ги викаме. Оставете го тој ден тој Таткото, тој алчен и корумпиран Систем, тој Сатурн кој си ги излапува своите деца, да почувстува навистина вина. �Навистина! Да осети. Да го боли и Системот од плачот на мојот народ. Народ кој крвари.

Тој ден на народот ќе му треба мајка. Тој ден на народот ќе му треба мајка. А тој триесет и пет години си беше сам себеси мајка. И утре ќе биде така. Ниту можете ниту е доблесно ниту ќе успеете било кого да утешите со вашите полу-политички пораки тој ден. Оние на кои најмногу ќе им треба утеха никогаш нема да имаат. А останатиот народ само со многу многу апсења и бескомпромисна правда која барем кај мене влева некоја надеж до сега, ако продолжите ќе можете. Само со уривање на тој Систем.

И мојот народ да, не само ваш, и мојот, ако не сум политичар.

И мојот!

Нека го врисне и излипа макар во еден ден она што години и години е голтано и молчено од него, а во корист на Системот.

Народ кој предолго трпел семејно насилство од својот споулавен и крволочен Татко, од тој Системот. Од тој Системот кој е граден и премолчуван и од нашите родители и од нас. Дека она еден ден што ќе се премолчи, другиот ќе се вришти и липа – така победете ја вашата желба за допадливост и сервилност и кон лидерот кој и да е, и кон партијата која и да е, па и кон народот во исклучителни моменти. Бидете личности. Човек. Како Андреј, како шоферот, како оној доктор во Англија кој му кажал на Дејвид Камерон: Надвор! Ве молам сите излегувајте надвор!

Направете го она како треба и личи, а не како е за вас подобро да се почувствувате и оправдувате.

И утре ќе го чуете вие тоа – како многу болна и гласна опомена – она што е предолго молчено еден ден ќе е страшно липано. Она што се пикнало како гуштерче под тепихот еден ден ќе излезе како ламја.

Ама вие пробајте да најдете во себе сила и не бидете тој ден таму по секоја цена. Вие осетете утре како што чувствувате на денот на секои избори – за кого постоите и кој и зошто ве избрал да бидете таму.

Тој ден бидете и вие сами и бидете и вие народ кој чувствува третина век, третина век – дека е сам наспроти Системот. Народ сам да се бори наместо да е заштитен од Системот.

Само еден ден, не плашете се да се одделите од сукњата и вашата мајка народот.

Ниту едните ќе паднете, ниту другите ќе се издигнете тој ден. Надраснете се! Не е страшно! И направете го она што треба.

“Мораме да матурираме сите, како народ!” – што велеше мојот многу драг покоен д-р Чепреганов.

Не бидете таму.

Како политичари, можеби сте за сѐ, ама за тој ден и за таму мислам дека не сте. Ќе имате денови. И ќе бидете пак заедно со мајка ви – народот. Ама тој ден не!

Тој ден е за душата. А за тоа вие не сте. За друго сте.

Никој нема да ви замери што не сте таму.

Макар и да мора да сте по Закон.

Децата кои никогаш нема да ги има повеќе ќе бидат за последно на овој свет помеѓу своите мајки и татковци, а мајките и татковците кои ги нема за последно на овој свет помеѓу своите деца. Каде сте вие помеѓу најблиските во таа равенка, макар и Закон тоа да го налага? И да налага Законот, личи ли? Бива ли на иста земја од мајка солза и ваша солза тој ден на иста земја да паднат? Ќе си речете некои од вас: И јас сум мајка! Да, ама не таа мајка! И јас сум татко! Да, ама не тој татко!

А верувам дека сите имате душа и секој од вам ниту може ниту треба да ги врзе со синџири солзите да не ви паднат ако ви дојдат. Тие се она што душата не може да го искаже и по образот само ќе се стркала. Тие и не прават луѓе. �И тој ден ТИЕ ќе бидат над Законот, а вам ќе ви се прогледа низ прсти ако сте требале да бидете таму по Закон, затоа што така личи и треба.

Еднаш во 35 години неправедно мртвите ќе бидат, макар еднаш, над нас сите случајно живите (после сите корумпирани судии и обвинители, урбани мафии, несреќи, автобуси, болници, физиолошки раствори, вакцини, мазути, канцерогени отпади и којзнае што којзнае што…) и за миг сите неправедно мртви макар ќе го победат Системот.

А тој кога и ние и вие ќе станеме подобри и поправични едни кон друг – Системот самиот ќе се распадне.

Во вашите раце се чекичите да почнете први, а утре не е ден за таквата ваша работа.

И нека е тоа нашата последна корупција од мојот и вашиот народ (добро и ваш добро!) кон стариот Систем кој ги уби тие деца како кон лош и алчен за крв и пари татко. Да ви прогледа низ прсти што не сте таму.

Ниеден поробувач не ни го сторил ова. Ниеден.

Имате шанса секој од вас да го дадете од себе и најдоброто и најчовечното, направете го тоа. Во вистинскиот миг и со вистински чин. Како Андреј и како многумина тивки херои на кои можеби никогаш нема да им ги видиме очите или да им ги дознаеме имињата. Слава им!

Соседите и светот ни пружија рака и покажаа жал и солидарност и достоинство. Дека им се важни нашите животи. Како обичен човек им благодарам.

Ве замолувам и ви благодарам да бидете достоинствени и да размислите добро за вашето утрешно присуство.

Нас, обичните луѓе ве замолувам да не покажуваме утре колку е пријатно да си жив и да постирате банални информации и слики од вашите ручеци или средби. Простачки е.

Ве сакам сите луѓе кои сеуште живеете во оваа земја и од која и да сте страна или партија – немам избор!

Ве сакам особено тие од мојата генерација кои сеуште сте тука затоа што знам дека сите сте имале ваков или таков избор, ама сте го направиле за овде.

За да носам омраза во градиве немам место, што од бронхитис што од љубовта која мора на омразата да и направи место, а не ми се дава, за тоа не ми дава да мразам било кого, од инаетот. �Ве сакам и оние кои ја чувствувате болката на оваа земја каде и да сте и ви благодарам за човечноста ваша. Особена благодарност како човек за сите доктори и персонал од нашата и од сите земји за вашата борба кои сеуште дишат и им ја враќате надежта.

И сакам да се надевам дека сето ова ќе биде само еден лош сон кој ниту може, ниту треба да се заборава, но сѐ до еден ден и едно подобро место каде сите ќе сме заедно и никого повеќе нема да го боли ништо.

Бог сила на оние кои треба да преживеат, на оние кои прават сѐ за тие да преживеат, на оние кои треба да издржат утре и на оние кои треба да си најдат допрва кандилце во себе за да продолжат да живеат!

Со многу чемер, надеж и пак многу љубов,

ваш Дарко.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде