Активностите на полицијата и на Обвинителството за истрагата за пожарот во Кочани во кој починаа 59 млади лица, а околу 200 се повредени, продолжија синоќа со акција за приведување на лица за кои постои сомнение за инволвираност.
Според првичните информации, приведени се поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илиев и Ратко Димитровски и градоначалникот во оставка Љупчо Папазов. Јавното обвинителство најави дека денеска ќе информира за акцијата на полициските екипи спроведена по наредба на ОЈО Кочани, каде работи обвинителскиот тим за истрагата.
Папазов беше на сослушување пред обвинител во ОЈО Кочани на 17 март, а Обвинителството по завршување на неговиот распит најави дека дополнително ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката.
Се очекуваат следните чекори од обвинителскиот тим и поради истекувањето на мерката краткотраен притвор што бепе определена за 18 лица во предистражна постапка. Со истражните активности до пред приведувањето на тројцата поранешни градоначалници беа опфатени 28 лица.
Веќе е отворена истрага и е определен 30-дневен притвор за седум службени лица, вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани, кои се осомнични дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Полициски службеници од одделот за крим полиција и организиран криминал завчера влегоа и во Општина Кочани, за обезбедување на документација поврзана со дискотеката. Претреси се извршени и на две лица, вработени во Министерство за економија, при што одземени се техничка опрема, документација, оружје, муниција… а, исто така, претреси извршени се и кај управителот и одговорното лице на дискотеката. Меѓу лицата на кои им е определен краткотраен притвор се и поранешен министер за економија и поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат.
Според јавниот обвинител Љупчо Коцевски, сите докази за дискотеката „Пулс“ упатуваат на кривично дело – тешки дела против општата безбедност, за што е предвидена казна затвор до 20 години.
-Доказите кои секој ден ги собираме укажуваат на тоа дека коренот всушност е една општа ерозија на системот, култура на непочитување на законот и правилата, но и длабока системска корупција. Обвинителството, за жал, не е орган на превенција, туку на репресија. Дали и како може да се спречеше ваков епилог? Би рекол, можеби. Но, сега е на нас да се соочиме со последиците, да ги казниме одговорните за оваа катастрофа и да спречиме да се повтори ваква трагедија – вели Коцевски, во вчерашното интервју за белградска „Политика“.
Како што укажува, заедничко за трагичните настани со кои се соочивме изминатите години е тоа што покрај директната причина за катастрофата, често постои и дополнителен причинител во вид на непочитување на законот и системска корупција, што, потенцира, значително ги зголемува катастрофалните последици.
Во однос на прашањето дали надлежните органи биле известени за овој настан и дали ја извршиле својата професионална должност која овој настан ја наметнувал, одговори дека сето тоа ќе се провери во рамки на истрагата.
– Сè тоа ќе провериме во рамки на истрагата. Сите тие закони и прописи постоеле на хартија, а до сега не сме пронашле скоро ниеден кој бил почитуван. До овој момент, во статус на осомничени се 28 лица, од кои три се во болница, 18 се притворени во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага и тие се исто така во притвор. Доказите се собираат во изјави и во материјален облик, но и во форма на експертизи и стручни мислења од одредени области. Сите овие докази до сега упатуваат на сомневање за основно кривично дело – тешки дела против општа безбедност поради директно загрозување на животот и телото на лица, за што е предвидена казна до 20 години. Истражуваат и давање и примање на мито, незаконитости во набавката на пиротехнички средства, како и неколку други кривични дела – посочува Коцевски.
Најавува дека истрагата ќе биде брза, ефикасна и сеопфатна и оти ќе одговараат и тие кои со неработење и непочитување на службените должности сносат дел од вината за катастрофата.