НЛБ Банка известува дека согласно добиеното известување од ПИОМ, исплатата на пензиите ќе се изврши на 01.04.2025 (вторник).
На истиот ден, пензионерите ќе можат да ја подигнат својата пензија во експозитурите и на НЛБ Банкоматите.
Од НЛБ Банка ги потсетуваат клиентите дека имаат можност средствата првенствено да ги користат безготовински, за плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство.
И Комерцијална банка ќе започне со исплата на пензиите за март од вторник, 01.04.2025 година.
Пензионерите кои имаат активна дебитна картичка со својата пензија ќе може да располагаат од 01.04.2025 година и ќе може да ја подигнат на банкомат или да ја користат за безготовинско плаќање низ трговската мрежа.
Пензионерите кои не користат дебитна картичка, пензијата од 01.04.2025 година ќе може да ја подигнат во широката мрежа на експозитури и филијали на Банката од понеделник до петок, а секако и во сабота, кога филијалите на Банката низ целата земја и дел од експозитурите во Скопје работат од 9 до 12 часот.
Пензионерите со исплатата на мартовската пензија на 1 април треба да го добијат вториот дел од ветените 5.000 денари што владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги најави во предизборната кампања за парламентарните избори. Првиот дел од 2.500 денари од линеарното зголемување, пензионерите го добија со октомвриската пензија.
Од Владата велат дека парите за оваа намена се обезбедени во Буџетот и не очекуваат турбуленции во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Уверуваат дека Фондот на ПИОМ е стабилен и дека буџетска дупка во ПИОМ ќе има уште шест до седум години додека не почне поробусна исплата на пензиите од Вториот пензиски фонд.
За исплата на пензиите во Буџетот за 2025 година се предвидени 105,5 милијарди денари со кои се обезбедени средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари.