Министерот за здравство и еден од лидерите во коалицијата ВЛЕН во интервју за „360 степени“ настапи со јавна критика за функционирањето на партиите на Албанците во Владата.
Според него, коалицијата функционира „тромо“ и треба да се најде модел за подобра синхронизација.
„Јас мислам дека имаме многу недостатоци. Тоа не е толку до премиерот Мицкоски, колку што е до нас. Постои некаква неусогласеност што се гледа од 100 километри, дека многу бавно функционираме. Впечаток е на народот, што е најлошо за нас, дека ВЛЕН има многу слаба позиција во Владата. Само што направив три анкети, кај Албанци генерално анкетирани. Впечатокот на околу 70% од населението Албанци е дека ВЛЕН не функционира добро, не е задоволувачко претставувањето на Албанците во Владата“, вели тој.
Во интервјуто Таравари дообјасни дека кога зборува за претставувањето на Албанците во Владата не мисли на квантитетот, туку на квалитетот.
„Ако земете во квантум, значи број на министри, број на директори, океј е претставувањето на ВЛЕН во Владата. Меѓутоа, ако го земете квалитативно, тоа не е баш како што треба, не функционира баш како што треба и тоа е генерален впечаток на повеќето, зборувам за Албанците“, додава Таравари.
Целото интервју на Таравари прочитајте го на „360 степени“.