Со најновото линеарно зголемување од 2.500 денари за сите вработени во јавниот здравствен сектор направивме уште еден голем чекор напред.
Со тоа, вкупното зголемување на платите, заедно со ноемвриското покачување, достигнува 4.815 денари нето за сите здравствени работници, а за медицинските сестри ова зголемување изнесува дури 6.200 денари, изјави на денешната прес-конференција, министерот за здравство Арбен Таравари.
– Овие бројки не се само статистика – тие значат повеќе сигурност, поголема мотивација и заслужено признание за макотрпната работа на илјадници лекари, сестри, техничари и административен персонал. Просечната плата во здравството, сега се движи околу 50.200 денари – а тоа е повеќе од бројка, тоа е сигнал дека вложуваме сериозно во човечкиот капитал.
Октомвриското зголемување од 10.49 отсто во комбинација со тековните мерки донесе кумулативен пораст на платите од 17.18 проценти. А, кога ќе го земеме предвид и фактот дека годишната инфлација изнесува околу 3.5 проценти, реалниот раст за 2024/25 година е 9.4 отсто. За споредба, во периодот од 2021 до 2023 година реалниот раст на платите беше само 3.8 проценти, рече министерот.
Тој посочи дека ова е највисок реален раст на платите во јавното здравство во последната деценија и доказ дека кога има политичка волја, има и резултати.
– Наша цел е да изградиме здравствен систем во кој професионалците ќе се чувствуваат ценети, мотивирани и подготвени да останат и работат тука, дома. Со ова зголемување, испраќаме порака дека достоинството на здравствениот работник не се преговара – тоа се брани и унапредува. И ова е само почеток.