Првиот петок по Велигден е Источен петок – Балаклија.
Имено, тој ден е посветен на Богородица, а уште и се вика Извор на лекувањето, па затоа верниците одат на најблискиот извор и се измиваат верувајќи дека ќе се излечат од разни болести.
Се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда.
Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор.
Во минатото, како што пишува Гале Фидановски, овој празник свечено се празнувал во селото Зубовце, Гостиварско. Во црквата Света Марија се служела утринска божествена литургија. Потоа свештеникот и верниците оделе во месноста Стражник и застанувале кај големиот камен и кај стариот брест.
Тука се пееле песни и се играле ора, а потоа сите се враќале во селото, каде што општата веселба траела до доцна попладнето. Адет било, на овој ден, свештеникот да го освети лебното жито. Претставници на сите семејства со чинии во кои имало брашно, пченица или пченка застанувале на едно место каде што свештеникот го осветувал житото со надеж дека претстојната година ќе биде бериќетна.
Обичај е во зорите да одите до најблискиот извор или поточе каде може да се измиете, да пиете вода и да наберете цвеќе и весели да се вратите дома дури доцна вечерта. Денешниот празник, како слава некаде го прославуваат сопствениците на ресторани, во некои места на овој ден жените не работат потешки работи, во некои села се бојадисуваат јајца исто како за Велигден само што овојпат им се наменети на мртвите. Во некои места овој празник се прославува и како селска слава когае обичај да се заколе јагне.
