НАЈНОВА ВЕСТ: Уапсен убиецот кој вчера пукаше во Штип

Застреланиот странец кој синоќа беше погоден со пиштол во кафуле во центарот на Штип им подлегнал на повредите, потврди обвинителството кое го истражува убиството.

И напаѓачот и жртвата се странски државјани, а првично беше објавено дека станува збор за студенти од Турција.

-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршеше увид на локација во кафе бар каде едно лице беше лишено од живот со истрели од огнено оружје. Напаѓачот и жртвата се идентификувани и станува збор за странски државјани. Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска, соопштија од обвинителството.

Јавниот обвинител во текот на ноќта издаваше повеќе насоки и наредби за пронаоѓање на сторителот кој е во бегство.

Напаѓачот веднаш избегал од местото на настанот и со автомобил се упатил во правец на Скопје. Полициската потера тргнала по него, а биле организирани и полициски блокади на повеќе места.

На патарината кај Миладиновци, осомничениот успеал да ја пробие блокадата и да ја скрши наплатната рампа и продолжил да бега. Потерата продолжила по што осмничениот е фатен.

-Основното јавно обвинителство Штип е известено од МВР дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент е уапсено. Пронајдено е и оружјето. Во текот на денот ќе следи постапка, соопштија од обвинителството.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде