Полицијата го уапсила турскиот државјанин кој избега ноќеска откако со пиштол застрела и уби друг странски државјанин во Штип, соопшти Основното јавно обвинителство Штип.
Најден бил и пиштолот и во текот на денов осомничениот убиец ќе биде на распит пред обвинител.
Јавен обвинител од Штипското обвинителство синоќа вршеше увид на локацијата, во кафе-бар во Штип, каде едно лице беше убиено со истрели од огнено оружје.
Подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено на обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор, а се преземаат и други дејствија за обезбедување докази за убиството што се случи синоќа, околу 21 часот и 30 минути. Увидот на локацијата ќе продолжи и денеска.
Напаѓачот и жртвата се идентификувани и станува збор за странски државјани. Неофицијално, и жртвата и лицето кое пукало се студенти од Турција. Според видеото кое се појави на социјалните мрежи, се гледа како осомничениот влегува во тоалет, по што излегува и пука во колегата студент, а потоа бега. Осомничениот веднаш влегол во возило и со голема брзина се упатил накај Скопје, каде притоа бил забележан кај патарината „Миладиновци“. Напаѓачот не застанал на знак што му го дала полицијата, ја пробил рампата на патарината и продолжил со голема брзина. Полицијата отворила оган кон возилото во обид да го запре.
Истото возило – БМВ – било пронајдено неколку километри понатаму, кај ТИР-зоната во Миладиновци, оштетено и превртено.
