Ученик загина откако врз него падна конструкција од гол – трагедија го потресе регионот

Тешка несреќа со фатални последици ја потресе Босна и Херцеговина.

Шеснаесетгодишен ученик од втора година во средното училиште „Муза Ќазим Ќатиќ“ од Олов го загуби животот четири дена по хоспитализацијата, откако врз него паднала метална конструкција од гол на училишна екскурзија.

Несреќата се случила на 29 мај во Спортско-рекреативниот центар „Ајдиновиќи“, каде учениците престојувале во рамки на организирана посета. Според информациите на порталот Кликс, момчето трчало по топка кога се лизнало и при тоа го закачило голот, кој паднал врз него.

Ученикот бил веднаш префрлен во Клиничкиот центар во Сараево и подложен на итна хируршка интервенција. И покрај напорите на лекарите, момчето им подлегнало на тешките повреди четири дена по несреќата.

Настанот предизвика шок и тага кај јавноста, особено кај неговите соученици и наставници. Се очекува надлежните институции да спроведат детална истрага за да се утврдат сите околности и евентуалната одговорност за трагедијата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде