Ветрот корнеше дрвја, дождот направи реки од улиците – силно невреме беснее во делови од регионот

Невообичаено снажно невреме попладнево го зафати романскиот главен град Букурешт.

Интензивен пороен дожд паѓаше повеќе од еден час и ги поплави улиците, а ветрот, кој дуваше со брзина од 70 километри на час, откорна дрвја и покриви на куќи и згради, пренесоа локалните медиуми.

Многу возачи останаа заглавени во автомобилите и во сообраќајниот хаос предизвикан од силната луња. Многу автомобили се згмечени од паднати дрвја.

Поради лошото време, неколку летови од Букурешт полетаа со доцнење, а авионите од Париз, Штутгарт и Клуж-Напока не можеа да слетаат на меѓународниот аеродром „Хенри Коанда“ (Отопени), па беа пренасочени кон Констанца и Крајова, соопштија аеродромските власти.

– Високата влажност и температурите над просекот придонесуваат за вакви појави, особено бидејќи јуни е највлажниот месец во годината во Романија – изјави за Диџи24 директорката на Националната метеоролошка служба, Елена Матееску. Таа најави дека следуваат периоди на нестабилност и високи температури до 35 степени.

Метеоролозите велат дека јуни е највлажниот месец во годината во Романија, што значи дека може да се очекува интензивен дожд, но и нив ги изненадила силата на невремето што попладнево го погоди Букурешт.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде