Двегодишно девојче почина, а три деца се повредени откако доживеаја струен удар на трамболина на панаѓур во Алкеријас, во шпанскиот регион Мурсија, рано утрово.
Според шпанските медиуми, трагедијата се случила кратко по полноќ, за време на прославата на празникот на патронот на градот. Девојчето било на трамболината кога ја удрило струја.
Таа паднала во бесознание, а службите за итни случаи се обидувале да ја реанимираат повеќе од еден час. Таа била прогласена за мртва во 1:16 часот наутро.
Три деца, осумгодишно девојче и две момчиња, на возраст од 11 и 12 години, беа повредени во истиот инцидент. Тие беа однесени во болница од страна на членови на семејството.
29-годишна жена доживеала напад на паника и ѝ е укажана помош на местото на настанот, објавува „Ел Еспањол“.
Истражителите на Цивилната гарда ја опколиле трамболината и спроведуваат истрага за да ја утврдат причината за несреќата. Полицајците земале изјави од персоналот и сведоците. Се испитува дали трамболината била правилно поврзана со електричната мрежа и дали техничка грешка довела до трагедијата.
