Во главниот град на Централноафриканската Република, во Банги, за време на церемонијата на полагање на матурата, се случи страшна експлозија на трансформатор, при што загинаа 29 ученици, меѓу кои 16 девојчиња, а дури 260 беа повредени.
Трагедијата се случи во средното училиште „Бартелеми Боганда“, додека околу 5.000 ученици низ градот полагаа завршни испити.
Во моментот на експлозијата, работниците се обидувале да ја вратат електричната енергија на оштетениот трансформатор, токму додека учениците биле во училниците.
„Зградата се тресеше, сите се исплашија. Сите само сакаа да избегаат“, рече ученикот Алвин Јалигао, кој беше сведок на несреќата, пишува Билд.
Во турканицата што следела, некои ученици скокнале од прозорците, додека други се задушиле во толпата или биле прегазени.
Ходниците и скалите до горните катови биле целосно заглавени, а многу ученици ја изгубиле свеста.
Службите за итни случаи и граѓаните, исто така, ги превезувале повредените до најблиските болници со мотоцикли.
Министерството за здравство потврди дека 260 ученици се лекуваат во неколку градски болници.
