Страотна сообраќајна несреќа, пет лица пренесени во болница

На 27-ми јуни 2025 година, во 19:30 часот, на регионалниот пат Струга-Дебар, кај струшкото село Велешта, се случила сообраќајна несреќа во која се повредени пет лица.

– Несреќата се случила помеѓу патничко возило марка „Мерцедес“ со струшки регистарски ознаки, управувано од страна на 23-годишниот Ф.Е. од селото Подгорци, струшко и патничко возило „Мерцедес“ со албански национални ознаки, управувано од 31-годишниот И.П. од Република Албанија.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 18-годишната сопатничка Е.С. од селото Лабуништа, струшко, од возилото со струшки регистарски ознаки.

Со телесни повреди се здобиле И.П. и неговиот сопатник, 29-годишниот Ј.И. од Албанија од возилото со албански национални ознаки, а исто така со телесни повреди се здобиле и две малолетни сопатнички од возилото со струшки регистарски ознаки.

Повредите се констатирани во Медицинскиот центар Струга и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид.

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Струга, информираат од СВР Охрид.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде