Од утре стапува во сила забрана за движење во шумите – казни до 2.000 евра
Од 1 јули 2025 година, стапува во сила целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште низ целата држава, која ќе важи до крајот на август, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Како што посочуваат од Министерството, оваа мерка се воведува поради зголемен ризик од шумски пожари, а за нејзиното непочитување се предвидени високи парични казни.
Физичките лица кои ќе бидат затекнати при движење во шума без соодветна дозвола ќе се соочат со глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност, согласно член 106 од Законот за шумите.
Во своето официјално соопштение, МЗШВ наведува:
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува јавноста дека согласно насоките од Владата како и барањата од корисниците на шумите – ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови кои управуваат со заштитените подрачја, даде согласност за воведување на целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште.
Согласност се издава согласно членот 57 став 3 од Законот за шумите, поради зголемена опасност и превенирање од појава на шумски пожари на отворен простор. Целосната забрана за движење во шумите започнува од 01.07.2025 година и ќе трае се до 31.08.2025 година. Движењето во шумите ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“ и Националните паркови, соодветно за подрачјето со кои управуваат“, соопшти МЗШВ.
