Три пожари во Кочани за само неколку часа, гореше фабрика за стиропор, семејна куќа во населбата Трајаново Трло како и трева.
Во првиот пожар односно во фабриката за стиропор, причинета е огромна материјална штета. Пожарот избувнал околу пладне, а интервенирале четири противпожарни возила со 12 пожарникари.
Гасењето на пожарот се одвивало во специфични услови бидејќи се работело за лесно запалив материјал, но истиот е локализиран и е спречено да се прошири на околните објекти.
Малку подоцна се запали и семејна куќа во населбата Трајаново Трло, како и сува трева, а интервенираа од ТППЕ Кочани и ДПД Кочани.
Директорот на дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, со апел до граѓаните да бидат внимателни бидејќи сезоната на пожари на отворено веќе започна.
„Ја користам оваа прилика да упатам апел до сите оние кои имаат викендица или стари куќи во напуштени села да се погрижат за своите дворови. Апелирам до граѓаните нека ја искосат тревата, нека се изораат дворовите.“ – вели Ангелов.
Според бројките кои ги кажа Ангелов во месец јуни имало 317 пожари на отворено, вклучувајќи ги овде и депониите, а само во првите три дена од овој месец се регистрирани 43 пожари на отворено.
Инаку, веќе активна е и забраната за движење во шуми.
