Од почетокот на мандатот на актуелниот парламентарен состав, 65 пратеници добиле надоместок за патни трошоци.
Највисоката сума исплатена на пратеник е 13.200 евра или по околу 1.000 евра месечно. Девет пратеници, пак, решиле да изнајмат стан за што месечно се плаќаат најмногу по 400 евра.
Собранието на Република Северна Македонија исплатило 18,6 милиони денари или околу 303.320 евра за патни трошоци што ги побарале пратеници за период од 13 месеци, покажуваат податоците кои Радио Слободна Европа (РСЕ) ги доби преку слободен пристап до информации од јавен карактер.
Податоците покажуваат дека сумата од 303.320 евра – од кои 26.717 за патарини и 276.603 за гориво, е исплатена за 65 од вкупно 120 пратеници од актуелниот парламентарен состав и тие се однесуваат на периодот од денот на одржување на конститутивната седница – 28 мај 2024 до 30 јуни 2025 година.
Во истиот период, девет пратеници го искористиле правото на закуп на стан за што биле потрошени 44.522 евра.
Највисока сума за претходните 13 месеци му била исплатена на пратеникот ВМРО-ДПМНЕ Кире Божиновски од Ресен.
Тој зел околу 13.200 евра (810.897 денари) или во просек по 1.000 евра месечно.
Неговиот сопартиец од Прилеп, Петар Ристески е втор на листата со 12.000 евра (741.375 денари).
