Под влијание на голема влажна и нестабилна воздушна маса која ќе биде поврзана со фронтален систем кој ќе се спушти од север, во текот на ноќта недела кон понеделник 3/4 август,
како и во понеделник (4 август) во нашата Република Македонија времето ќе биде променливо и нестабилно во поголем дел од нашата Македонија со врнежи од дожд, грмежи и со засилен ветер.
Локално врнежите ќе бидат обилни и ќе наврнат над 25 литри дожд на метар квадратен.
Локално пак атмосферските процеси ќе бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и со појава на град.
Токму поради ова апелирам граѓаните да бидат крајно внимателни во случај на појава на невреме и на електрични празнења, односно, во случај на појава на електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Исто така во случај на појава на силен ветер, граѓаните да ги заштитат своите автомобили, тоа значи да не ги ставаат во близина на дрвјата, особено оние дрвја кои што се осамени.
И во Скопје и околината во погоре споменатиот период времето ќе биде променливо и нестабилно со повремени поројни врнежи од дожд, појава на грмежи, засилен ветер а во делови од котлината можна е и појава на невреме.
Што се однесува до температурите, тие во понеделник (4 август) повторно ќе бидат во опаѓање и максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 25 до 34 степени. Во Скопскиот регион во понеделник на 4 август максималната дневна температура на воздухот ќе се искачи до околу 30 степени.
