Фејсбук реакцијата на Софија Куновска ви го пренесуваме во целост.
“СЛОЖНИ ПОПОВИ И ВО ПЕТОК МРСАТ
Локалните избори се распишаа денес без решение за уставно-правната празнина за начинот за собирање граѓански потписи за независни кандидатури за градоначалници и советнички листи. СДСМ, кој дојде на власт во 2017 на рацете на граѓанските организации кои беа предводници на “Шарената револуција” и ВМРО-ДПМНЕ кој прогласи победа во Скопје во 2021 преку поддршката за независната кандидатура на Данела Арсовска, сега се направија недоветни и им му го свртија грбот на целиот граѓански сектор.
Со цел да спречат незадоволството од нивните кадровски политики со исклучиво лојални партиски кандидати да се слее во масовно гласање на независни кандидати, особено во Скопје, не изгласаа во Собранието соодветен механизам за собирање потписи.
Ниту во календарот на ДИК не се предвидени рокови за независни кандидатури. Речиси сите анкети покажуваат драматичен пад на популарноста на големите партии.
Многумина познавачи на политичката сцена велат дека доаѓа тајмингот за вистинска “трета опција”. СДСМ и ВМРО-ДПмНЕ решија тоа што не можат да го контролираат да се обидат да го истиснат од конкуренција.
Дали ќе успејат или ќе го разгорат граѓанскиот оган до степен да нема гаснење, ќе покажат овие локални избори, но особено периодот по нив!
