Српската пејачка Ана Николиќ синоќа заврши во Ургентниот центар во Белград, придружувана од пријателка, откако претходно била жртва на наводно насилство извршено од композиторот Горан Ратковиќ – Рале. Според белградските медиуми, Николиќ претходно дала исказ во полиција за инцидентот.
Неколку часа пред тоа, на својот Инстаграм-профил, Ана објави потресно видео на кое се гледаат повреди по лицето и телото. На снимката, пејачката е видливо потресена, во солзи, со крв на маицата, велејќи дека била претепана. „Крвава сум, молам јавете по помош, ми тече крв од сите страни“, се слуша на видеото, кое предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Ана изјави за медиумите дека повеќе нема намера да има контакт со Ратковиќ: „Клучот ми остана кај него дома, полицијата е таму. Јас во таа куќа повеќе не одам ни мртва. Ова е крај, го пријавив во полиција, доста беше“.
По пријавата, пејачката побарала лекарска помош и ѝ биле констатирани повреди на главата и рацете. Според медиумите, по доаѓањето во Ургентниот центар, Ана била видно вознемирена, викала и правела сцени по ходниците.
Композиторот Ратковиќ за медиумите кратко изјави дека е „добро“ и додаде дека двајцата дале исказ во полиција. „Доаѓа до расправија, имам забрана за приближување 48 часа“, рекол тој.
Ситуацијата предизвика голема вознемиреност кај јавноста и повторно ја отвори дебатата за насилството врз јавни личности во Србија.
