Пoолската војска рано утрово соопшти дека соборила беспилотни летала што го нарушиле нејзиниот воздушен простор за време на рускиот напад врз соседна Украина.
„Распоредено е оружје и службите активно работат на лоцирање на соборените објекти“, соопшти Полската оперативна команда.
Додаде дека е во тек воена операција и ги повика жителите да останат во своите домови.
Полска е членка на НАТО, трансатлантскиот одбранбен пакт во кој учествуваат САД, кој го применува принципот дека нападот врз еден е напад врз сите.
Полскиот претседател Карол Навроцки објави дека „наскоро“ ќе претседава со итен состанок на Канцеларијата за национална безбедност, на кој ќе присуствува премиерот Туск.
Тој потврди дека е во контакт со сите клучни министри и воени лидери.
„Безбедноста на нашата татковина е највисок приоритет и бара тесна соработка“, напиша Навроцки на Икс.
Се очекува полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш да ја скрати посетата на Лондон, каде што требаше да присуствува на состанок на министрите за одбрана од групата Е5 од пет земји – Франција, Германија, Италија, Полска и Обединетото Кралство.
