Од 1 април до 29 септември 2025 година, регистрирани се вкупно 2.080 пожари на отворен простор, при што приведени се 60 лица, а по преземени мерки поднесени се 36 кривични пријави, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Најголемиот број од пожарите, како што наведува МВР, биле предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви, а полициските служби преземаат активности за расчистување на случаите и утврдување на евентуална меѓусебна поврзаност.
Откако на 1 јули 2025 година беше воведена забрана за движење во шуми без писмено одобрение, до 29 септември биле затекнати 27 лица, против кои ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по Законот за шуми.
За рана превенција од пожари, полицијата користи и дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата.
„Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите“, соопшти МВР.
