Познатата пејачка Ѓулу (51) почина откако падна од балконот на нејзината куќа.
Веста за смртта на уметницата ја објави нејзиниот аранжер Мустафа Арапоглу.
Синот на пејачката се огласи по обвинувањата дека Ѓулу се обидела да си го одземе животот и нагласи дека тоа не е точно.
– Гласините за самоубиство што кружат на социјалните мрежи се неточни. Ја изгубивме Ѓулу во несреќа што се случи во текот на ноќта. Ќе споделам информации за погребот преку Инстаграм. Почивај во мир – напиша синот на пејачката.
Ѓулу, која имала тешко детство и која ја започнала својата кариера пеејќи во ноќни клубови како дете, е родена во 1973 година во населбата Касимпаша во општина Бејоглу во Истанбул.
Во 1988 година, на само 15-годишна возраст, таа почнала да настапува во сали за венчавки. Поради нејзината младост, сопствениците на кабареа првично не се осмелиле да ѝ дадат работа, па затоа морала да се врати на училиште. Поради лошата финансиска состојба на нејзиното семејство, таа набрзо го напуштила училиштето и се посветила на пејачката кариера.
