Видео од безбедносна камера, до кое дојде телевизијата „21“, ја открива целата сцена од денешниот вооружен напад во центарот на Куманово.
На снимката јасно се гледа моментот кога напаѓачот, облечен во темна облека и со качулка на главата, се доближува до автомобилот во кој бил д-р Зеќирија Шахини и испукува неколку куршуми кон него.
Д-р Шахини, лекар на Клиниката за пулмологија во Скопје и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, е ранет во ногата и веднаш бил пренесен во болница. Министерството за здравство соопшти дека неговата состојба е стабилна и дека закрепнува.
Наспроти првичните информации на Министерството за внатрешни работи, според кои нападот го извршиле две лица, видеото покажува дека пукачот бил сам. Тој приоѓа кон возилото одзади и пука од непосредна близина, по што се оддалечува од местото.
Министерството за внатрешни работи потврди дека се преземаат мерки за идентификација и апсење на сторителот.
