Полицијата синоќа уапси девет лица во битолското село Црноец, кои во двор организирале нелегални борби со кучиња.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, акцијата е спроведена на 1 ноември 2025 година околу 23:00 часот, кога полициските службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода А.Д. (49), К.С. (43), Р.Б. (48) и Б.Н. (53), сите државјани на Косово, како и Г.С. (51), И.Ж. (41), М.Х. (43) и В.Л. (43) од Битола и В.М.В. (59) од Штип.
Лицата биле затекнати во дворното место на М.Х., каде што организирале борби со кучиња. При полициската интервенција било пронајдено едно повредено куче, како и предмети што потекнуваат од кривичното дело.
По целосно документирање на случајот, против осомничените ќе биде поднесена кривична пријава по член 233 од Кривичниот законик – „мачење животни“.
Полицијата најави дека ќе продолжи со засилени контроли и активности за спречување на вакви форми на суровост кон животните.
