Вчеравечер во скопското село Долно Количани се случил инцидент, кога се собрала поголема толпа луѓе, а во неа еден човек испукал неколку куршуми од пиштол во воздух.
Полицајци му го одзеле пиштолот, а кога се обиделе да го уапсат, толпата тоа не им го дозволила, соопшти МВР.
„На 02.11.2025 во 23:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека околу 21:00 часот во с.Долно Количани, општина Студеничани, полициски службеници забележале едно лице, кое било со поголема група луѓе, како со пиштол испукало неколку проектили во воздух.
Пиштолот му бил одземен, а при обид да го приведат, полициските службеници биле спречени од толпата, по што лицето побегнало.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, пишува во полициското соопштение.
