Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, е уапсен денеска под сомнение за земање мито.
Акцијата ја спроведоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражителите од Истражниот центар при ОЈО ГОКК и екипи на Министерството за внатрешни работи.
Според првичните информации, беа извршени претреси на повеќе локации низ земјата поради основани сомневања за корупција. Попладнево, тимови од Управата за финансиска полиција, МВР и истражители влегле во просториите на Агенцијата.
Неофицијално, акцијата е поврзана со пријава дека Стоилев побарал и примил мито од апликант за да му се додели договор за финансиска поддршка преку програмата ИПАРД. Апликантот, кој ја пријавил сомнителната активност, користел обележани банкноти, со чија помош директорот бил фатен при земањето на парите.
Фокус дознава дека лицето кое го пријавило случајот и учествувал во акцијата е поранешен министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот министер за локална самоуправа од ВМРО-ДПМНЕ во владата на Љубчо Георгиевски, Џевдет Насуфи од Струга е тој што го пријавил директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев за земање мито, неофицијално дознава „Фокус.
