На 84-годишна возраст почина Џемо Дестан, човекот кој со својата насмевка и мајсторство го претвори името „Дестан“ во синоним за скопска традиција и вкус.
Децении наназад, тој беше препознатлив лик во старата чаршија, каде со леснотија ги превртуваше ќебапите на решетката и со својот ведар дух ги пречекуваше илјадниците гости.
Џемо ќе остане запаметен како човек со големо срце, секогаш подготвен за шега, разговор и добредојде.
Неговата насмевка и добрината што ја ширеше беа дел од духот на градот. Со него заминува дел од таа стара скопска убавина, но зад себе остави наследство исполнето со топлина, труд и човечност.
На семејството – искрено сочувство.
Нека почива во мир, а сеќавањето на него нека живее меѓу сите кои го познаваа и го почитуваа.
„Многумина скопјани, а посебно бутелчани го паметат како ги превртува ќебапите на широката решетка во кебапчилницата во старата чаршија, и чиниш постојано им свиркаше со устата, а тие потскокнуваа под вилушката. Илјадници луѓе угостени со широка насмевка и со големо срце. Џемо замина, но, остави длабоки траги и секако врвни наследници. Постојано застанував пред неговиот двор, секогаш уреден со сезонски цвеќиња, за да го разгледам, да му се восхитувам, а кога тој седеше под стреата, знаев да му кренам рака и од далеку да го поздравам. Имав впечаток дека Џемо насмеан е роден, и дека таков беше сиот живот. Нека почива во мир во расјкките градини, а на семсјтвото упатувам искрено сочуство… Збогум Џемо, ќе ми недостасува твојата насмевка, и недовршениот муабет…“, напиша Борче Трајковски на Фејсбук.
Извор: Рацин.мк
