„Знам дека со ова јас нема да ја вратам назад помеѓу живите, помеѓу нас, но ова го ветив, ќе одам до крај поради тие две мали деца кои ми ги остави во аманет..“.
Вака Ирена Димовска пред камерата на Канал 5 раскажува за она што ѝ се случувало на нејзината снаа, триесет и седумгодишната Елена Ѓорѓиевска, дијагностицирана со Кронова болест која по две направени операции во Државна дигестивна хирургија пред една недела починала, на истиот ден откако ја испуштиле од болница.
Семејството обвинува дека лекарска грешка и негрижа ја довело младата Елена до смртна постела, откако со недели била на болничко лекување. Нејзиниот сопруг и блиските сметаат дека и самата проценка за првична интервенција била погрешна, а според нив, најлошо било што повеќе од десет дена, хирургот кој првично ја оперирал заминал на пат во Америка, а одговорноста за третманот понатаму не ја делегирал на друг специјалист, туку на специјализанти.
Вината се гледа во докторската грешка, лошо, целиот случај од самиот почеток до крај. Не е во ред. Колку пациенти беа оперирани од таа болест, заминуваа, сите ги испраќавме, само Елена не.
Голготата на семејството не започнала во Дигестивна хирургија, бидејќи претходно била хоспитализирана и на Гастроентерохепатологија. Целата документација што ја имаат, без отпусното писмо, ја дале и до Државниот здравствен инспекторат, и очекуваат надлежните да ја утврдат вистината.
Од Државниот здравствен инспекторат за Канал 5 потврдија дека ја имаат пријавата и ќе направат вонреден надзор, а Директорот на Дигестивна Огнен Костовски во телефонски разговор за Канал 5 кажа дека е запознаен со случајот и дека има намера да формира и внатрешна комисија во самата клиника за да се утврди стручното постапување.
