СКАНДАЛ: На десет пациенти им е извршена непотребна операција на срце – утврди Комисијата на МЗ

Десет од вкупно 25 пациенти биле упатени на операција на срце без потреба или без потреба биле упатени „под нож“, утврди Комисијата на Министерството за здравство и не ги кажа болниците во кои што се изведени ваквите непотребни операции.

Откако кардиологот, професор доктор Сашко Кедев во август годинава во гостување во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“ изјави дека во Македонија во приватното здравство некои пациенти се оперирани на срце без потреба и без медицинска индикација само поради профит, министерот за здравство Азир Алиу формираше домашна комисија да ги испита ваквите наводи.

Но, комисијата не ги испитуваше само приватните болници за кои Кедев зборуваше дека оперираат срца за профит и без медицинска индикација, туку го прошири својот интерес на сите болници каде се вршат вакви операции (значи и од државното здравство) а во комисијата влегоа и доктори од приватните болници.

Комисијата денеска не откри во кои болници се извршени овие 10 операции без потреба. Не открија ниту дали операциите биле животозагрозувачки, дали пациентите после нив имале сериозни компликации, ниту колку чинеле операциите за државниот буџет.

На прес-конференција во владата нејзините претставници напоменаа дека допрва тројца странски експерти ќе ги разгледуваат случаите, па ќе биде донесен финален извештај.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде