Свирепо убиство во Штип. 74-годишен маж против своја волја ја држел во својот дом 79-годишната жена Б.Н. Тој ја усмртил, по што телото го закопал во дворот од неговата куќа.
Љубомора и љубовни недоразбирања се најверојатно причините за монструозното убиство во градот под исарот. Имено, според првичните информации, осомничениот откако најпрво ја задржал жената во неговиот дом против нејзина волја, по расправија, со остар предмет и нанел смртоносни рани во пределот на главата и телото.
По убиството, пресекол делови од телото и ги сокрил на непознато место, а трупот го закопал во дворот од куќата, обидувајќи се да ги сокрие трагите. Случајот бил откриен откако сестрата на сега убиената жена, пријавила исчезнување, а полицијата при претрес на имотот пронашла траги од крв и докази што директно упатувале на злосторството. Осомничениот на распит го признал делото, а Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против него.
ЈО РСМ
– Осомничениот 74-годишник, при вршење семејно насилство, лишил од живот жена со која биле во блиски лични односи, така што со тврд предмет и задал повеќе удари во главата, кршејќи и го черепот. Потоа, со остар предмет пресекол делови од телото и ги сокрил на непознато место, а трупот го закопал во дворот од куќата.
На осомничениот му е одреден 30 дневен притвор поради тежината на делото и опасноста од бегство. Истрагата продолжува за утврдување на сите околности и мотиви, а жителите од оваа населба се во шок.
Вчера, СВР Штип во соработка со одделот за криминалистичка полиција при Бирото за Јавна Безбедност поднесе кривична пријава против штипјанецот Д.А поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство” и “противправно лишување од слобода”.
МВР
„На 24 октомври во СВР Штип, Д.О.(84) од Штип пријавила дека од домот се оддалечила нејзината сестра Б.Н. По преземени мерки, а поради сомнение дека противправно ja држел во неговиот дом, на 10.11.2025 со судска наредба бил извршен претрес во неговиот дом и биле пронајдени и одземени повеќе предмети и траги од крв. По претресот, тој бил лишен од слобода и му била изречена мерка притвор во траење од 96 часа и бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Куманово.“
Неофицијално, според информациите до кои дојде ТВ 24, вчера и денеска има пребарување и на градската депонија „Трештена скала“ од страна на истражните органи за пронаоѓање на останатите делови од телото на убиената жена.
