Сообраќајот на државните патишта во земјава утрово се одвива непречено, по претежно суви коловози, со умерен интензитет на движење надвор од урбаните подрачја. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања, информира АМСМ.
Од 15 ноември 2025 година е активна законската обврска возачите да поседуваат зимска опрема во своите возила, без оглед на временските услови, а оваа мерка ќе остане на сила до 15 март 2026 година.
АМСМ апелира до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите каде што постои ризик од појава на одрони. Најкритични се правците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде претпазливоста е неопходна. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица останува затворен за сообраќај до 31 март 2026 година во рамки на сезонскиот режим.
Повеќе делови од државните патишта се под изменет режим поради градежни работи, што создава потреба од зголемено внимание кај возачите. На дел од обиколницата околу Скопје, на автопатот А2, во тек е санација на потпорни ѕидови, при што на потегот меѓу клучките Волково и Кондово сообраќајот е целосно затворен и пренасочен во спротивната насока во должина од 300 метри. На експресниот пат Крива Паланка – Страцин, пак, преку ден се спроведува рачна регулација на сообраќајот, додека навечер се користи светлосна сигнализација.
Во тек се и градежните активности за санација на свлечиште на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, како и санацијата на мостот Здуње на делницата Гостивар – Стража, каде движењето се одвива со привремена семафоризација. Реконструкциите на делови од Коридорот 10д и Коридорот 8, вклучително и делниците Градско – Дреново, Прилеп – Битола и Ново Лагово – Тополчани, предизвикуваат пренасочување на движењето и редуцирање на лентите. Во Битола е затворен мостот на улицата „Довеџик“, каде сообраќајот се пренасочува преку привремен премин. Делницата Кичево – Цер останува затворена во периодот од 10 до 16 часот поради асфалтирање, а на дел од патот Желино – Тетово се спроведуваат геодетски мерења со периодично затворање на лента.
На автопатот Неготино – Велес се реконструираат дилатациони спојки, при што сообраќајот кон Велес се одвива само по една лента. Слични ограничувања има и на правецот Фариш – Прилеп, каде се санираат ударни дупки. Возачите се предупредуваат на пренасочување на движењето и на делницата Прилеп – Битола поради изградба на Коридорот 10д. На подделницата од автопатот А4 кон граничниот премин Блаце, локалниот пат до селото Блаце е затворен, а пристапот е обезбеден преку привремен пат.
Имајќи предвид дека на голем дел од патната мрежа се изведуваат инфраструктурни работи со различен интензитет, АМСМ уште еднаш апелира до возачите да се придржуваат кон поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат со зголемено внимание, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

