Лидерот на СДСМ Венко Филипче најави дека утре ќе биде познато новото раководство на партијата откако на негово барање на почетокот на декември оставка поднесе целото раководство.
Филипче вчера во изјава за централниот дневник на „Сител“ рече дека веќе е готов списокот со лицата кои ќе бидат дел од новото раководство и дека тоа ќе биде комбинација од искусни и млади луѓе.
– Тука ќе се избере новото партиско раководство – новите потпретседатели и новите членови на Извршниот одбор. Практично една нова сила во партијата, една комбинација на искусни и млади кадри, изјави Филипче додавајќи дека отвараат широк фронт со граѓаните, политичките чинители и граѓанскиот сектор за да се стави крај, на како што рече, криминалната власт.
На 2 декември на барање на претседателот на партијата, оставка поднесе целото раководство на СДСМ.
– Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ, соопштија тогаш од партијата.

