Утрово во 7 часот и 20 минути на територијата на Македонија беше почувствуван земјотрес, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Според податоците на ЕМСЦ, земјотресот бил со јачина од 3,1 степен според Рихтеровата скала, а епицентарот се наоѓал на околу 35 километри од Приштина, во пограничниот регион меѓу Косово, Србија и Македонија.
Жители на Скопје и околината сведочат дека почувствувале краткотрајно, но силно тресење, при што дел од нив велат дека земјотресот ги разбудил од сон.
Во меѓувреме, Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, управувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, регистрираше земјотрес во 07:20 часот со епицентар во пограничното епицентрално подрачје Урошевац, на околу 42 километри северно од Скопје. Земјотресот имал локална Рихтерова магнитуда од ML 3,3.
Според досегашните податоци на Опсерваторијата, земјотресот бил почувствуван во Скопје и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

