Доколку следната недела има парламентарни избори за владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 26 проценти од граѓаните, а за опозицискста СДСМ 8,9 проценти. Најголема доверба од политичарите граѓаните имаат во премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и мнозинството од нив ја поддржува примената на системот „Безбеде град“. Тоа го покажуваат денеска објавените резултати од истражувањето на Институтот за политички истражувања (ИПИС) „Перцепција на граѓаните за рејтинг на партии и политичари“, спроведено преку телефонска анкета меѓу 15 и 18 декември годинава на 1114 полнолетни испитаници на ниво на државава.
На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има Парламентарни избори?“ 26 проценти од испитаниците рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ“, 9,8 проценти за опозициската СДСМ, 8,9 проценти за Коалиција ДУИ, 8,2 проценти за Коалиција ВЛЕН, 5,9 проценти за Левица, 3,9 проценти за ЗНАМ, а 1,7 проценти за друга партија. За ниедна партија нема да гласаат 13, 1 процент, а 11 проценти од испотаниците не сакале да кажат, додека 11,7 проценти рекле дека не знаат или немаат одговор.
Според истражувањето, на прашањето „Во кој политичар имате најголема доверба?, кај 27,3 проценти од испитаниците одговорот е Христијан Мицкоски, додека 25,5 проценти дале одговор – ниеден, а 9,5 проценти не знаат или немаат одговор. Девет проценти имаат најголема доверба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, 5,1 процент во претседателот на СДСМ Венко Филипче, 5 проценти во Димитар Апасиев од Левица, 3,8 проценти Максим Димитриевски. Следуваат со 3,5 проценти Изет Меџити, 2,8 проценти Билал Касами, 2,3 процент Африм Гаши, 2,1 процент претседателката Гордана Сиљановска Давкова, 1,3 проценти поранешниот претседател Стево Пендаровски, 1,1 процент поранешниот премиер Никола Груевски.
