Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, согласно Кривичниот законик.
По целосно спроведена истрага и извршени вештачења, обвинителството ги утврди причините за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември по полноќ во селото Марино.
Според наводите, обвинетиот управувал патничко возило Hyundai Tucson, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи ги во опасност животот и телото на другите учесници. Тој непрописно свртел со возилото без претходно да се увери дека маневарот може безбедно да го изведе.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „јијинг“, без регистарски таблички и без вградени светлосни уреди, со кој управувал 16-годишен малолетник. Возачот на мотоциклот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата 13-годишна сопатничка носеле заштитни кациги.
Како последица на здобиените повреди во сообраќајната несреќа, малолетниот возач починал, додека неговата сопатничка се здобила со тешки телесни повреди, информираат од обвинителството.

