Шок и неверување: Се самоуби познатиот актер – имаше само 46 години

Американскиот актер Џејмс Рансон, најпознат по улогите на Зиги Соботка во култната серија „Жица“ и Еди Каспбрак во хорор-филмот „Тоа: Второ поглавје“, почина на 46-годишна возраст.

Според извештајот на мртовзорникот од округот Лос Анџелес, Рансон починал во петокот, а како причина за смртта е наведено самоубиство, објави магазинот Variety.

Рансон длабоко се врежа во меморијата на публиката со ликот на Честер „Зиги“ Соботка, докер кој постепено се вовлекува во ситен криминал во втората сезона од „Жица“. Се појави во 12 епизоди, а неговиот лик беше прикажан како трагична фигура – често понижуван и исмеван од колегите и криминалците околу него.

Притиснат од постојани понижувања, Зиги во налет на бес извршува убиство, по што, шокиран од сопствениот чин, ѝ се предава на полицијата. Последен пат е прикажан во финалето на сезоната, како ја издржува затворската казна.

Пет години по „Жица“, Рансон оствари значајна улога во HBO-минисеријата „Generation Kill“ („Генерација убијци“), каде глумеше заедно со Александер Скарсгард. Во сите седум епизоди го толкуваше вистинскиот маринец, каплар Џош Реј Персон, во серија што ја следи работата на новинар на Rolling Stone со Првата извидничка единица на американските маринци за време на војната во Ирак.

Пошироката публика од поновата генерација го памети како возрасната верзија на Еди Каспбрак во филмот „Тоа: Второ поглавје“ од 2019 година.

Меѓу неговите понови филмски проекти се издвојуваат „Black Phone 2“, „V/H/S/85“, „Small Engine Repair“ и „What We Found“. Рансон се појави и во серии како „Poker Face“, „SEAL Team“, „50 States of Fright“ и „The First“.

Џејмс Рансон е роден во 1979 година во Балтимор. Уметничкото образование го стекнал во Carver Center for Arts and Technology во Таусон, Мериленд, каде учел од 1993 до 1997 година. Првото поголемо внимание го доби со споредна улога во тинејџерската драма „Ken Park“ во 2002 година, а само една година подоцна ја доби улогата што трајно ја одбележа неговата кариера – Зиги Соботка во „Жица“.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде