Славниот британски пејач и кантавтор Крис Рeа, чии хитови го вклучуваат и „Driving Home For Christmas“, почина на 74-годишна возраст, на три дена пред Божиќ, соопшти портпаролот на неговото семејство, според „Гардијан“.
Реа се прослави со автентична мешавина на блуз, поп, соул и софт-рок, која му донесе светска слава низ 80-тите и 90-тите години на минатиот век.
Тој беше исклучително продуктивен и во кариерата сними 25 студиски албуми, на кои се најдоа мегахитовите „The Road to Hell“, од неговиот истоимен деби-албум; „Driving Home for Christmas“, „On the Beach“ и „Josephine“, меѓу другите. Тој има продадено над 30 милиони копии од неговите албуми.
Роден е во 1951 година во Мидлсбро од татко Италијанец и мајка Ирка, и имаше шест браќа и сестри.
Неговиот прв бран на успех дојде во САД, каде што неговата песна од 1978 година „Fool (If You Think It’s Over) достигна 12-то место и му донесе номинација за „Греми“ за најдобар нов изведувач.
Доцните 1980-ти беа неговиот најкомерцијално успешен период: конечно прифатен во Велика Британија и покрај тоа што честопати се наоѓаше надвор од доминантните трендови во поп-музиката, „Dancing With Strangers“ од 1987 година започна серија од шест албуми во топ 10 во Велика Британија, од кои два достигнаа број 1.

