Пери Арканџело Бамонте, долгогодишен гитарист и клавијатурист на култниот готик-рок бенд The Cure, почина на 65-годишна возраст, соопшти бендот на својот официјален веб-сајт.
„Со огромна тага ја потврдуваме смртта на нашиот голем пријател и бенд-колега Пери Бамонте, кој почина по кратка болест, дома, за време на божиќните празници“, стои во соопштението на групата.
Во објавата, членовите на бендот го опишуваат Бамонте како „тивок, интензивен, интуитивен, постојан и исклучително креативен“, додавајќи дека тој бил „топол и витален дел од приказната на The Cure“. Бендот упати сочувство до неговото семејство, нагласувајќи дека ќе биде „многу, многу пропуштен“.
Бамонте соработуваше со The Cure уште од 1984 година, најпрво како роуди и гитарски техничар, а официјално стана член на бендот во 1990 година, по заминувањето на клавијатуристот Роџер О’Донел. Во тој период, тој свиреше гитара, шестжична бас-гитара и клавијатури.
Иако се приклучи по големиот комерцијален пробив на бендот со албумот „Disintegration“ (1989), Бамонте остави силен печат на неколку значајни изданија на The Cure, меѓу кои „Wish“ (1992), со хитовите „Friday I’m in Love“ и „High“, „Wild Mood Swings“ (1996), „Bloodflowers“ (2000) и истоимениот албум од 2004 година.
Во 2005 година, Бамонте беше отпуштен од бендот од фронтменот Роберт Смит, по 14 години и повеќе од 400 настапи. Сепак, тој повторно им се приклучи на The Cure во поновите години и учествуваше на турнејата во 2022 година, со уште околу 90 концерти.
Во 2019 година, Бамонте беше примен во Rock & Roll Hall of Fame заедно со останатите членови на The Cure.
Неговиот последен настап со бендот се одржа на 1 ноември 2024 година во Лондон, на специјален концерт по повод промоцијата на албумот „Songs of a Lost World“, првото студиско издание на бендот по пауза од 16 години. Настанот беше снимен и прикажан како филм „The Cure: The Show of a Lost World“, кој овој месец беше прикажан во кината ширум светот и е достапен и на Blu-ray и DVD.
Албумот беше високо оценет од критиката, а Associated Press го опиша како „раскошен и длабоко оркестрален, моќен и емоционално исполнет“, наведувајќи дека станува збор за едно од најдобрите изданија во кариерата на бендот.

