Пешак на возраст од шеесетина година загина во нова трагична сообраќајка што се случи синоќа во скопската населба Волково.
Според информациите на „Слободен печат“ човекот починал на лице место, а беше извршен увид на местото на несреќата.
Како се случила сообраќајката повеќе информации се очекуваат од Министерството за внатрешни работи.
Трагедијата доаѓа во период кога сообраќајната безбедност повторно е во фокусот на јавноста. Од февруари официјално се очекува старт на проектот „Безбеден град“, кој со години се најавува и моментално се наоѓа во пробна фаза. Целта на проектот е намалување на бројот на сообраќајни незгоди преку автоматско санкционирање на возачите кои ја надминуваат дозволената брзина.
По трагичната сообраќајка во која загина младата Фросина Кулакова, казнената политика за сообраќајни несреќи со жртви е значително заострена. Возачот кој ја прегази Кулакова е осуден на 13 години затвор, додека возачот кој го усмрти дедо Југо доби затворска казна од 11 години.
Прашањето за висината и примената на казните повторно се отвори во јавноста, а вчера во Скопје беше одржан и протест поврзан со судските пресуди за сообраќајни несреќи со смртни последици.

