Со длабока тага и неверување ја споделуваме веста дека прерано нè напушти нашиот долгогодишен член, близок пријател на „Вапцаров“ и на сите нас, Марко Јовановски., информираат од ансамблот.
Тој беше дел од „Вапцаров“ уште од својата најрана возраст – од само пет години, кога со детска љубопитност и чиста радост го направи првиот чекор во фолклорот и стана дел од семејството на Вапцаров.
Растеше заедно со ансамблот, со сите членови од претходниот прв ансамбл и несебично придонесуваше сѐ за ансамблот.
Настани, концерти,турнеи и безброј моменти низ кои помина нашиот ансамбл. Со посветеност и со бескрајна љубов кон традицијата. Подоцна се приклучи и на сегашниот прв ансамбл, каде што со своето претходно искуство несебично го пренесуваше знаењето на новата генерација прв ансамбл. Со збор, со пример и со насмевка им ги пренесуваше сите поминати моменти, сите лекции што животот и сцената го научиле.
Пред сè, тој беше човек.Човек кој секогаш ги ставаше другите пред себе, кој знаеше да подаде рака кога најмногу треба, да сослуша, да охрабри и да биде потпора. Беше активен член, посветен и присутен до самиот последен момент, без да штеди сила, време или енергија.
Она што засекогаш ќе остане врежано во нашите срца е неговата способност, во секој момент, да го насмее секој човек. Да ја врати атмосферата, да внесе светлина и топлина дури и во најтешките мигови. Тоа беше негов дар – нешто што не се учи и не се заменува. Неговиот дух, неговата смеа и неговата човечност ќе останат празнина што никој никогаш нема да може да ја пополни.
Ние сме во шок и длабоко неверување што нè напушти на само 25 години – премногу рано за еден живот полн со соништа, планови и љубов. Ќе живее во нашите сеќавања, во секоја игра, во секоја проба, во секој чекор што ќе го направиме на сцената, во секој момент на смеа.
Денеска од 09:00-10:00 во нашите простории ќе се одржи Комеморација книга на жалост каде ќе бидат присутни сите наши членови, да го испратиме заедно. Потоа сите заедно ќе се упатиме кон гробиштата во Горно Лисиче каде ќе се одржи погребот од 13:00.
Почивај во мир, пријателе. „Вапцаров“ и сите ние никогаш нема да те заборавиме.
Сочувство до семејството

