Поплави и евакуација на граѓани во овие делови од Македонија

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија западна Македонија предизвикаа поплави и одрони во неколку региони, а евакуацијата на жителите е во тек, соопшти Центар за управување со кризи.

Поплави се регистрирани во Кичево и Охрид, додека одрони на патните правци Гостивар – Стража и Тетово – Бањиче предизвикуваат повремени застои во сообраќајот.

Во Кичево се поплавени повеќе куќи на улицата „Прилепска“. На терен се екипи на Општина Кичево, Дирекција за заштита и спасување, Црвен крст и ЈКП „Комуналец“.

Во Охрид се поплавени подруми, гаражи и дворови, а локалната самоуправа и Кризниот штаб постапуваат по пријавите од граѓаните.

Во Струга е пријавен поголем одрон на патот меѓу селата Татеши и Мислодежда.

Во околината на Тетово и Гостивар се регистрирани излевања на реката Вардар кај селото Балин Дол. Излеана е и Луковичката Река кај селото Бало Турчане, како и Сушичката Река кај селото Горно Бањице.

Поплавите предизвикаа штети врз земјоделско земјиште и делови од дворовите во зафатените подрачја.

За сите настани се известени Општина Гостивар, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈКП „Комуналец“ и Полициската станица Гостивар. Известена е и ХЕЦ Маврово, каде поради состојбата е намалено производството на електрична енергија.

Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да ги следат инструкциите на надлежните служби и да се воздржат од движење во поплавени и други критични зони.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде