Огромен пожар попладнево го зафати објектот на фабриката „Комодита“ (Comodita) во Ѓаковица, Косово.
Густиот чад и пламените јазици се видливи од поголемиот дел на градот, а на терен се распоредени сите расположливи екипи за итни интервенции.
Портпаролот на Косовската полиција за регионот на Ѓаковица, Шеремет Елезај, за медиумот „Сињали“ потврди дека дојавата за огнената стихија пристигнала околу 16:40 часот.
Пожарот избувнал во објектот лоциран на улицата „Ѓерѓ Соколи“.
„Полициските единици и пожарникарите веднаш излегоа на лице место и ги преземаат сите неопходни мерки за локализирање и гаснење на пожарот. Огнот е со големи размери и екипите за итни случаи продолжуваат со работа за да ја стават ситуацијата под контрола“, изјави Елезај.
Според првичните информации од полицијата, до овој момент нема пријави за повредени лица. Сепак, Елезај потенцираше дека целосната верификација на ситуацијата и евентуалните последици по луѓето ќе можат да се утврдат дури откако пожарот ќе биде целосно изгаснат.

