Со новиот Нацрт-закон за заштита од пушење, објавен на електронскиот регистар ЕНЕР и отворен за јавна дебата, државата најавува најсеопфатна рестрикција на пушењето досега. Предлог-решенијата опфаќаат низа простори каде досега забраната или не постоеше или не се спроведуваше, со јасна цел – поголема заштита на јавното здравје, особено на децата.
Забраната за пушење, доколку законот биде усвоен, ќе важи од училишните дворови до ски-лифтовите, а цигара нема да смее да се запали ниту во полициска станица, ниту во затвор, вклучително и во келиите за доживотна казна. Новина е и воведувањето забрана за пушење на влезовите на објектите.
Во член 3 од Нацрт-законот детално се набројани 16 категории на простори во кои пушењето ќе биде строго забрането. Меѓу нив се сите здравствени установи, установите за социјална заштита, воспитно-образовните, културните, рекреативните и спортските објекти. Забраната се однесува и на просторот пред влезовите на овие институции.
Пушењето нема да биде дозволено во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти, како и во сите објекти каде се сместени државни органи и органи на локалната самоуправа. Забрана ќе важи и за сите работни места, без разлика дали станува збор за јавен или приватен сектор.
Законот ги опфаќа и сите видови јавен превоз – патен, железнички, воздушен и воден, како и жичари и ски-лифтови. Пушење нема да биде дозволено во објектите на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа, ниту на станиците на градски и приградски јавен превоз.
Посебно се нагласува забраната за пушење во приватно возило доколку во него има дете. Забраната се проширува и на трговските објекти, пазарите и саемите, како и на угостителските објекти за сместување и исхрана – од хотели и апартмани до ресторани, барови, меани и кантини.
Пушењето ќе биде недозволено и во заедничките простории на станбените згради, како лифтови, светларници и заеднички котларници, како и во полициските станици, казнено-поправните и воспитно-поправните установи. Забрана е предвидена и во објектите на приредувачите на игри на среќа, како и во и пред простори каде се организираат забавни и рекреативни активности за деца, вклучително и детски игротеки и приватни установи за грижа на деца.
Спроведувањето на законот ќе биде обврска на одговорното лице во правното лице, институцијата или државниот орган. Забраната не се однесува само на класичните цигари, туку и на сите уреди за консумирање тутун и никотин, меѓу кои се електронските цигари и вајперите.
Во Нацрт-законот детално е објаснето што се смета за електронски уред за никотин – електронски или други уреди што создаваат аеросол кој содржи никотин и се вдишува од корисникот, вклучувајќи системи за испорака на никотин, уреди за загревање на тутун и лулиња, освен регистрирани медицински помагала.
За непочитување на одредбите се предвидени високи казни. Малите правни лица ќе се казнуваат со глоба од 2.000 до 3.000 евра, средните со 3.000 до 4.000 евра, а големите со 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност. Одговорното лице во правното лице ќе плати казна од 1.500 до 2.000 евра.

