На турскиот државјанин Кадир Кара, кој призна вина за убиството на негов сонародник во кафуле на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип му е изречена казна затвор од 17 години и протерување од државата, откако ќе ја издржи казната во македонски затвор.
Портпаролот на Основниот суд во Штип, Сашко Георгиев денеска информираше дека по рочиштето на 19 декември 2025 година во Основниот суд во Штип, на кое Кара призна вина, судот ја има донесено оваа одлука за извршено кривично дело убиство и неовластено држење на оружје.
Инаку денеска во штипскиот Основен суд во Штип продолжи судењето за останатите четири лица, кои се обвинети дека му помагале на Кара да го изврши убиството на турскиот државјанин.
Во судницата денеска се изведуваа докази, а судскиот процес за обвинетите продолжува на 20 јануари во 10:30 часот.


