Силни полициски сили попладнево го опколија скопското село Батинци и неколку други локации во обид да уапсат „лице од висок интерес“. МВР потврди дека во тек е голема потера по бегалец баран со меѓународна потерница за најтешки кривични дела, вклучувајќи и две убиства.
Тензично е на терен, каде повеќе полициски тимови вршат претреси и проверки во родното место на осомничениот.
Од Министерството за внатрешни работи кусо потврдија дека се постапува по добиени оперативни информации.
„Надлежни полициски служби денеска делуваа на подрачјето на Скопје со цел лишување од слобода на лице по кое е распишана национална и меѓународна потерница. Активностите продолжуваат на терен со цел пронаоѓање на лицето“, велат од полицијата.
Според сознанијата на „Телма“, цел на акцијата е озлогласениот Џавит Муса, припадник на криминалниот клан „Беланоца“. Муса е во бегство веќе неколку месеци.
Тој се сомничи за грозоморен чин извршен во јули минатата година во Батинци:
- Убиство на офицер на АРМ: Според информациите, мотивот за убиството на локалниот жител (припадник на Армијата) било несогласувањето на таткото насилно да ја омажи својата ќерка за Муса.
Полицијата продолжува со „чешлање“ на теренот, а повеќе детали се очекуваат по завршување на акцијата.

