Заменик министерот за образование, Лулзим Алиу денеска преку социјалните мрежи соопшти дека поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Алиу оставката ја поднесе до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, а ја сподели во објава на својот фејсбук профил.
Алиу посочува дека оставката доаѓа како одраз на негова лична и професионална анализа, нагласувајќи дека ценел дека во овој период е најсоодветно да го продолжи својот придонес во академското поле.
-Почитуван Претседател на Владата, Со ова писмо сакам да Ве известам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата заменик министер во Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија. Мојата оставка доаѓа како одраз на моја лична и професионална анализа, ценејќи дека во овој период е најсоодветно да го продолжам својот придонес во академското поле, во мојата истажувако-научна работа, како и посветеност кон семејството, вели тој.
Алиу на Владата посакува понатамошни успсеси во работата и упатува благодарност за довербата и за можноста што му била укажана да служи на оваа одговорна позиција.
Лулзим Алиу е кадар на коалицијата ВРЕДИ, односно од партијата Алтернатива. Тој упати благодарност и до партијата и нејзиниот актуелен претседател Беким Али и на претходните партиски претседатели Африм Гаши и Зеќирија Ибрахими.

