Претседателот на Бугарија, Румен Радев, во вонредно обраќање до нацијата објави дека поднесува оставка од функцијата. Одлуката ја соопшти на датумот на кој пред четири години положи заклетва за својот втор претседателски мандат.
„Денеска ви се обраќам како претседател за последен пат. Најпрво сакам да побарам прошка. Времето ја стави на тест вашата доверба и затоа ви благодарам за трпението“, изјави Радев.
Тој најави дека во вторник формално ќе ја достави оставката до Уставниот суд, а функцијата претседател ќе ја преземе потпретседателката Илијана Јотова. Радев изрази уверување дека Јотова ќе биде достоен шеф на државата, заблагодарувајќи ѝ се за поддршката и заедничката работа во изминатите девет години.
Во обраќањето, Радев направи осврт на својот мандат, посочувајќи дека во тој период Бугарија се приклучила кон Шенген-зоната и еврозоната. Сепак, тој нагласи дека овие достигнувања не донеле очекувана стабилност и задоволство кај граѓаните, поради ниската излезност на изборите и слабата доверба во судскиот систем.
„Проблемот лежи во злобниот систем на управување. Има надворешни знаци на демократија, но државата функционира според механизмите на олигархијата. Политиката сè почесто се случува надвор од институциите“, истакна Радев.
Оставката на Радев доаѓа во период на продлабочена политичка нестабилност во Бугарија, по серија предвремени парламентарни избори и долготрајна неможност за формирање стабилна влада. Институционалната блокада, слабата доверба во политичките партии и обвинувањата за корупција остануваат клучни теми во јавноста.
Политичките аналитичари во Софија оценуваат дека оставката може да биде вовед во активен политички ангажман на Радев надвор од претседателската функција, со можност за формирање нова политичка партија и учество на следните избори.

