Огнен пекол во фабрика во регионот – драматични сцени и густ чад, има и загинати

Во голем пожар што рано утринава избувна во фабрика за производство на бисквити во грчкиот град Трикала, загинаа три жени, две лица се водат како исчезнати, а седуммина се повредени, јавуваат грчките медиуми.

Пожарот избувнал околу 4 часот наутро во фабриката „Виоланда“, за време на ноќната смена, кога во погонот работеле 13 лица.

Според првичните информации, по избувнувањето на пожарот следеле и неколку силни експлозии, чиј одек се слушнал и во околните населени места, како и во центарот на Трикала, оддалечен околу шест километри од фабриката.

На местото на настанот интервенирале 40 пожарникари со 13 противпожарни возила, а во гаснењето биле вклучени и цистерни на општинските служби. Пожарот бил локализиран по неколку часа, по што биле пронајдени телата на трите загинати жени.

Според грчките власти, уште две вработени лица се водат како исчезнати, а потрагата по нив сè уште трае.

Министерот за здравство на Грција, Адонис Георгијадис, изјави за телевизијата „Скај“ дека во болницата во Трикала биле пренесени шестмина вработени и еден пожарникар. Сите се во стабилна состојба, претежно со проблеми со дишењето поради вдишување чад.

Причините за пожарот засега не се познати, а надлежните служби најавија истрага за утврдување на околностите под кои дошло до несреќата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде