Патниот правец Прилеп-Градско денеска беше во целосен прекин во периодот од 11:30 до 14:00 часот.
Група граѓани од ромска националност од Прилеп организираа протест кај преминот Плетвар, барајќи итни измени во сообраќајните законски одредби.
Главната цел на револтот е укинување на мерката за одземање на возилото во случаи кога се управува без возачка дозвола. Демонстрантите нагласуваат дека не се против казнувањето за прекршокот, туку против радикалноста на новата мерка.
„Бараме да се укине законот и да биде како што беше досега. Да не се одземаат возилата. Нека се казнува за возење без возачка ама како досега, но со одземање на возилата ни се нанесува голема неправда, не само на Ромите, туку и на другите граѓани“, изјави Ерсад Решидоски, учесник во протестот.
Иако сообраќајот беше нормализиран по 14:00 часот, учесниците порачаа дека ова е само почеток.

