Премиерот Христијан Мицкоски попладне ќе се сретне со Синдикатот на УПОЗ. Средбата е закажана за 16:45 часот и доаѓа по тоа што Мицкоски понуди зголемување на платите, кое УПОЗ го оцени како прифатливо и за кое ќе се дискутира дополнително во рамките на синдикалните организации.
Претходно, понудата на Владата беше прифатена и од Конфедерацијата на синдикатите на Македонија (КСС), предводена од Благоја Ралповски.
Во изјава за медиумите, премиерот истакна дека понудата е на маса повеќе од една година и дека е подготвен за средба и потпишување на колективниот договор за државните службеници.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со покачувањето на минималната плата и платите на вработените во јавната администрација, Мицкоски појасни дека Владата има своја формула за пресметка на платите на административците.
– Најголем дел од синдикалните претставници, и репрезентативните и од гранковите синдикати, се согласни со позицијата на Владата, со неколку исклучоци. Формулата што ја нуди Владата за етапно зголемување на платите ќе значи повисоки примања за административците, а не само корекција во висина на минималната плата, рече Мицкоски.

